Света Троица — главна селска црква во кумановското село Челопек, Македонија.
Прогласена е за културно наследство на Македонија. Црквата е полуразурната, сочувани се ѕидовите и полукружната апсида со различна височина. Истата е обрасната со вегетација, поради што се потребни итни заштитни мерки, при што истата треба да добие покрив, да се вратат камените елементи во нивната првобитна позиција и целосно да се исчисти внатрешноста.
Местоположба
Црквата претставува гробиштен храм, сместен во северниот дел на селото, во непосредна близина на училиштето, односно во маалото Селиште.
Историја
Била изградена меѓу XVI и XVII век, но денес е срушена и делумно е во рушевини. Има иста основа како „Св. Петка“ во Младо Нагоричане. Според други извори, таа била изградена во две фази: постара од крајот на ХIV век (наос и олтарен простор) и понова градежна фаза (нартекс) од XVI/XVII век.
Селаните веруваат дека црквата била наречена „Св. Ѓорѓи“ и дека била срушена заедно со тврдината Кула.
Архитектура
Градбата на црквата е еднокорабна со нартекс и трем на јужната страна.
Црквата е во катастрофална состојба, истата е во урнатини и без покрив. Sидовите од наосот се зачувани до висината на стреата. Во полоша состојба се наоѓаат ѕидовите од припратата и јужниот трем. На источната страна има каскадна зачуваност на ѕидното платно со остатоци на византиски опус застапен на олтарната апсида. Од внатрешната страна се зачувани олтарската ниша и нишата од проскомидијата.
Црквата е долга 14 метри, широка 8, со ѕидови дебели и до 60 сантиметри. Црковните ѕидови градени од камен, цигли и малтер високи се до покривот (забележано во 1972 година) и веројатно била убаво уредена и значајна црква. Рушењето веројатно не се случило одамна.
Фрескоживопис
Живописот не е зачуван, иако во 1970-тите години истражувачот Јован Трифуноски забележал малтер на кој уште имало делови од фреските. Истото уште е фрагментарно зачувано само во дебелината на ѕидот од западниот влез и е од периодот на изградбата на црквата (XVI и XVII век).
Икони и иконостас
Иконостасот во црквата не е зачуван. Две камени ниши изградени на високо камено подножје имаат улога на олтарна преграда.
Галерија
Поврзано Кумановско-кратовско архијерејско намесништво Старонагоричка парохија Челопек
Наводи
Надворешни врски
Детален извештај за мониторинг од ИКОМОС Македонија
Челопек