десно|мини|250п|Портрет на Рене Декарт од Франс Халс Рене Декарт (фр. René Descartes, – , ), исто така познат и како Картезиус, работел како филозоф, физичар и математичар. Тој е подеднакво важен и во филозофијата и во математиката. Со измислувањето на координатниот систем, тој ја поставил основата за модерната геометрија (аналитичка геометрија), од која подоцна ќе се развие диференцијалното и интегралното сметање.
Неговите дела претставуваат основа на модерната филозофија и раскин со схоластиката, а во математиката — темел на аналитичката геометрија. Најзначајни дела му се: „Принципи на филозофијата“, „Расправа за методата“, „Медитации“ и „Геометрија“.
Декарт, понекогаш нарекуван „основач на модерната филозофија“ и „татко на модерната математика“, се вбројува меѓу најзначајните и највлијателните мислители во западната историја. Тој ги инспирирал и неговите современици, како и следните генерации на филозофи.
Неговата најпозната реченица е cogito ergo sum, што значи: „Мислам, значи постојам“.
Животопис Декарт е роден на 31 март 1596 година во Ла Е ан Турен, во реонот Ендр и Лоара, од татко Јоаким, советник на парламентот во Рен, и мајка Жана Брошар, која умрела набрзо по породувањето. Во 1604 година се запишува на Исусовскиот колеџ во Ла Флеш, каде се запознава со Мерсен. Таму ја изучувал филозофијата, а школувањето го завршил во 1612 година. Во 1613 година се доселил во Париз, каде една година подоцна се запознал со математичарот Мидорж и така почнал да ја изучува математиката. Во текот на 1615-1616 година, тајно заминал во Поатје, каде учел право. Во 1617 година ѝ се придружил на војската на Морис Насавски и две години престојувал во Бреда, за време на примирјето меѓу Шпанците и Холанѓаните. Во јули 1619 година на напуштил војската на Насавски и преминал кај војводата од Баварија. На 28 јули, истата година, во Франкфурт, присуствувал на крунисувањето на царот Фердинанд II. Исто така, учествувал во битката кај Прага, некое време бил дел од воениот поход на грофот од Бикој против Бетлен Габор, а по смртта на грофот, патувал низ Моравија, Шлезија, Бранденбург и Фризија. Во текот на 1621-1622 година престојувал во Хаг, а во 1623 година се вратил во Франција и го продал својот имот. Во 1623-1625 година, патувал низ Италија и Швајцарија при што присуствувал на прославата на јубилејот на Папа Урбан VIII, одржана во Рим. Во периодот од 1625 до 1628 година, престојувал во Париз, учествувал во опсадата на Ла Рошел, а потоа се преселил во Холандија, каде почнал да се занимава со филозофија. Во 1633 година имал намера да го објави делото „Свет“, но се поколебал, дознавајќи за судбината на Галилео Галилеј. Во текот на 1634-1635 година живеел во незаконски брак со некоја жена со име Елена со која ја добил ќерката Франсина, која умрела во 1640 година. Во периодот од 1637 до 1649 година, Декарт објавил повеќе свои дела, а во 1649 година заминал во Стокхолм на повик на крлаицата Кристина. Починал на 11 февруари 1653 година, а во 1667 година, неговите посмртни остатоци биле пренесени во Париз, каде биле закопани во црквата Сен Етјен-ди-Мон.„Биографија Декартова“, во: Рене Декарт, Расправа о методи. ИТВ центар плус, Београд, 2024, стр. 22-23.
Во своето дело „Расправа за методата“, Декарт се осврнува на своето образование, сведочејќи дека уште во детството се посветил на науката, убеден дека таа ќе му овозможи да стекне знаење за сето она што е корисно за животот. Меѓутоа, штом ги завршил студиите, потполно го променил мислењето, откривајќи дека во текот на образованието се соочил со бројни заблуди и сомнежи, така што единствената корист од учењето се состоела во тоа што го открил своето незнаење. Сепак, тој неуморно учел, покажувајќи интерес за јазиците, за книжевноста, за историјата, за говорништвото, за поезијата, за математиката, за етиката, за филозофијата, и за медицината. Притоа, најмногу му се допаѓала математиката поради јасноста и извесноста на нејзините принципи, иако во тоа време сè уште не ја воочил нејзината вистинска вредност. Покрај тоа, високо ја ценел и христијанската теологија и тежнеел кон вечното блаженство, но не се осмелувал да се зафати со подлабоко проучување на теолошките проблеми. Наспроти нив, тој ги презирал астрологијата, алхемијата и магијата. Според сведочењето на Декарт, разочаран од вредноста на образованието, кога ја достигнал соодветната возраст за да се ослободи од учителите, целосно го напуштил изучувањето на науките и остатокот од младоста го минал во патување низ Европа. Така, изучувајќи ја „книгата на светот“ и среќавајќи се со обичаите на другите луѓе, тој полека се ослободил од заблудите, стекнал соодветно искуство и решил да се посвети на проучување на самиот себе.Рене Декарт, Расправа о методи. ИТВ центар плус, Београд, 2024, стр. 31-36.
Декарт и математиката и физиката (проучување на светот) Пред Декарт, поимот на математиката не бил доволно определен, зашто под овој поим се подразбирале аритметиката, геометријата, астрономијата, оптиката, механиката и други науки кои имаат посебен предмет на изучување. Декарт ги издвојува односите, мерките и редот како општи појави и како вистинскиот предмет на математиката. Тој се залага за универзална наука на редот и мерата која се вика универзална математика и која ги содржи сите елементи на дотогашните подинечни математички области. Универзалната математика не е наука за некои посебни предмети и не ја испитува нивната егзистенција и природа, туку нејзин предмет се можните односи меѓу можните предмети, односно квантитетот на предметите. На истиот начин, простите и апсолутните поими ја сочинуваат и основата на Декартовата физика која се состои од два основни поими – просторност и движење. Во објаснувањето на физичките појави треба да се тргне од сетилата кои ни покажуваат што е штетно или корисно за нас, но не ја откриваат суштината на стварноста, зашто до неа се доаѓа со разумот. Просторноста е основата на материјалниот свет, а таа има три димензии – широчина, длабочина и должина. Просторноста ја претставува сусптанцијата на предметите, кои како појави зависат од промената на местото и на обликот, односно од движењето. Оттука, движењето е основата на сето она што е сензибилно. Причината на сето движење е Бог, а величината на движењето е непроменлива. Причините по кои константната величина на движењето се дели меѓу телата се општите закони на движењето кои се општи закони на материјалниот универзум, а тој претставува машина во која има само облици и движење на неговите делови. На тој начин, Декартовата физика произлегува од принципот на простото и се јавува како производ на дедукцијата, а тесно е поврзана и со метафизиката зашто нејзината појдовна точка е идејата за Бога. Декарт ги објаснува физичките појави механички со примена на математичките принципи, односно, паралелно на неговата математика, и Декартовата физика има универзален карактер чии корени се во математичкото, механичкото и логичкото.Љубиша Стојановић, „Увод“, во: Рене Декарт, Расправа о методи. ИТВ центар плус, Београд, 2024, стр. 16-19.
Во своите книги „Правила за насока на умот“ (1628) и „Расправа за методата“ (1637) Декарт пишувал за својот научен метод. Тој исто така пишувал за формите (геометрија), светлината (оптика) и времето (метеорологија). Потоа измислил начин за опишување на форми кои сега се нарекува Декартов координатен систем и теорија за тоа што сега се нарекува виножито. Физиката на Декарт била важна за подоцнежниот познат мислител, Исак Њутн, кој рекол за него, како и Џејмс Хук: „Ако видов понатаму, тоа беше затоа што стоев на рамениците на џинови!“
Декарт и медицината Декарт се одликувал со сестрано знаење и покажувал интерес во повеќе области, вклучувајќи ја и медицината. Така, во петтиот дел од „Расправата за методата“, тој дава детаљен опис на градбата на срцето и белите дробови на големите животни за кои кажува дека се многу слични на човековите. Притоа, тој опишува дека срцето има две комори (шуплини) при што во десната комора има два широки канала – шупливата вена од која понатаму се разгрануваат другите вени и артериската вена (за која вели дека е погрешно наречена, зашто таа е артерија) која се разгранува во белите дробови. Од левата комора, исто така, излегуваат два канала, и тоа венската артерија (вената која доаѓа од белите дробови) и големата артерија кога се разгранува низ целото тело. На овие две шуплини има четири отвори кои ги затвораат 11 кожички: три на влезот на шупливата вена кои спречуваат крвта да не излегува од неа, три на влезот на артериската вена кои спречуваат да се враќа крвта од белите дробови, две на влезот на венската артерија и три на влезот на големата артерија кои спречуваат крвта да се враќа во срцето. Бидејќи отворот на венската артерија е овален, тој се затвора со две кожички, додека другите отвори се тркалезни и затоа се затвораат со по три кожички. Декарт нагласува дека големата артерија и артериската вена се поцврсто градени од веснката артерија и шупливата вена, кои пред да влезат во срцето имаат две кеси, наречени срцеви уши. Потоа тој ја објаснува работата на срцето, односно протокот на крвта во него и од него при што крвта се затоплува во срцето и тоа почнува да се шири, а крвта низ телото се лади. Понатаму, тој опишува дека на врвовите од артериите има бројни ситни премини преку кои крвта преминува во вените, а преку нив пак се враќа во срцето, така што крвта постојано циркулира. Целта на дишењето е разредената крв во белите дробови повторно да се згусне и така да се врати во срцето. Тоа движење создава животни духови (esprits animaux) кои се како фин ветар или како жив пламен кој постојано и изобилно се качува во срцето и во мозокот, а оттаму преку нервите се пренесува во мускулите кои го придвижуваат телото.Рене Декарт, Расправа о методи. ИТВ центар плус, Београд, 2024, стр. 68-74.
Декарт и филозофијата (проучување на апстрактни идеи) Декарт се смета за татко на новата филозофија и еден од столбовите на западната метафизика. Според Вунт, тој е единствен во филозофијата, зашто од него почнува сѐ и сѐ се враќа во него. Емил Бутру го нарекува еден од најчистите и најубавите изрази на генијот на нашата раса, а Кун Фишер смета дека од картезијанизмот произлегуваат: Малбраншовиот оказионизам, Спинозиниот монизам, Лајбницовата монадологија, де ла Метриевиот материјализам, Берклиевиот дуализам и Кантовиот критицизам.Љубиша Стојановић, „Увод“, во: Рене Декарт, Расправа о методи. ИТВ центар плус, Београд, 2024, стр. 5-7.